„Агентите“ во Земјината орбита не можеа да ја разграничат зоната на одговорност во бескрајната вселена и поради тоа за малку не изби нов конфликт меѓу Русија и САД.
Америка предупредува дека американскиот сателит е загрозен од страна на рускиот вселенски апарат, соопшти весникот „Тајм“ повикувајќи се на началникот на командата на Вселенските сили на САД генерал Џон Рејмонд.
Според неговите зборови, руските сателити „Космос-2542“ и „Космос-2543“ кон средината на јануари 2020 година му се приближиле на сателитот USA-245 (познат и под називот KH-11), еден од клучните елементи на орбиталниот набљудувачки систем на САД Keyhole/CHRYSTAL.
Американците сметаат дека тој инцидент им овозможил на Русите да добијат снимки на американскиот сателит и податоци за него за време на извидување „на територијата на потенцијален противник“.
„Тајм“ не прецизира за кој противник станува збор, но нагласува дека со овој инцидент не е прекршен ниеден меѓународен договор за активностите на РФ и САД во Земјината орбита. Единствениот договор кој двете земји го склучија во однос на ова прашање е Договорот за демилитаризација на вселената, а него ниеден сателит априори не може да го прекрши.
Кој сателит му се приближи на „Американецот“ во вселената?
Лансиран е во орбитата во 2019 година и сега во режим на реално време ја набљудува состојбата на руската апаратура во вселената.
„Целната апаратура на тие сателити бележи како врз вселенскиот апарат дејствуваат вселенскиот отпад, електронското и протонското зрачење на надворешниот природен радијациски појас на Земјата, протоните и тешките наелектризирани честички, како и сончевите и галактичките зраци“, изјави во интервју за весникот „Радиоелектронски технологии“ (Радиоэлектронные технологии) заменик-министерот за одбрана на РФ Алексеј Криворучко.
Извор во военоиндустрискиот сектор изјави за порталот Russia Beyond дека сателитот „Космос-2542“ е навистина само технички апарат и тој не врши вселенско набљудување, за разлика од другите системи кои РФ и САД ги имаат во орбитата.
Кои разузнавачки податоци можат да се добијат од сателит?
Соговорникот на порталот Russia Beyond како пример наведе неодамна изведена операција на Руската Федерација во Сирија.
„За време на операцијата во Сирија вселенските набљудувачки сателити пресретнуваа разговори на терористите преку заштитени комуникации и ги праќаа во штабот на дешифрирање. Така командата добиваше информација за тоа во кој реон во моментот се наоѓаат одделни одреди на терористите, какво вооружување и техника поседуваат и кои им се плановите“, рече наведениот извор.
На разузнавачката служба ѝ преостанува да го одвои „житото од плевелот“, т.е. да ги издвои податоците од витална важност, а останатото да го отфрли.
„Во текот на работата сателитот присобира податоци од многу извори во регионот. На пример, тој снима десетици телефонски комуникации, а исто така пресретнува и мноштво СМС и интернет-пораки. Поради тоа работата во штабот понекогаш личи на погон за сортирање, каде службеници во куп отпад оперативно треба да пронајдат податоци за движењето на терористите и да ги испратат до своите единици за да се избегнат жртви меѓу цивилите“, додаде нашиот соговорник.
Тој истакна дека сателитите се само едно од многуте средства за добивање податоци.
„Заедно со нив ситуацијата на подрачјето на борбените дејствија ја следат и воените бродови близу брегот, набљудувачките авиони во воздух, станиците за прислушување на фронтот и единиците за специјални намени во непријателската заднина со помош на своите мобилни радари“, додаде тој.
Извор: Russia Beyond