Скопско астрономско друштво повторно ги кани заинтересираните на серија предавања во Планетариумот во Скопје кои ќе се одржат на 1. и 2. февруари и тоа во два термини од 18 и 19 часот. На предавањата ќе може да се види симулација на ноќното небо ослободено од облаци и светлосно загадување.
Членот и предавач на Скопското астрономско друштво, Радан Митровиќ ќе ги запознае посетителите со најинтересните и најважните соѕвездија и објекти, како и со календарите и нивната поврзаност со ноќното небо.
Секако централна улога има Планетариумот и неговата волшебна способност да ни го долови ноќното небо со преубав приказ на ѕвездите, да ни покаже како тоа се менува кога се наоѓаме на разни позиции на Земјината топка, но и да го забрза текот на времето, а со тоа и движењето на ѕвезденото небо над нас.
Предавањата се адаптирани за лица над 10 години.
Планетариумот е во состав на Младинскиот културен центар (МКЦ), а влезот е од страната која гледа кон Македонската радио телевизија. Билетите, кои се во ограничен број, може да се набават во билетарата на МКЦ по цена од 150 денари.