Пред да го испрати својот прв екипаж во вселенска мисија кон крајот на 2021. година, Индија во вселената ќе го испрати хуманоидниот робот наречен Вјомитра, известува The Tribune.

Летот е закажан за крајот на оваа година и почетокот на 2021. Според објавата, името на роботот е комбинација на зборови, кои означуваат „вселена“ и „пријател“, а како што може да се види од видеото подолу, Индиската организација за вселенско истражување (ISRO), го креираше според жена – иако на роботот му недостасуваат нозе.

– Нашиот робот е како човек и ќе може да прави сè што прави човекот, иако не толку екстензивно – истакна првиот човек на организација, К Сиван.

Хуманоидниот робот ќе биде лансиран на првиот тест-лет без екипаж на планираниот индиски орбитален вселенски брод „Гаганјаан“.

– Можам да им бидам придружник на астронаутите, да ги препознавам и да им одговарам на нивните барања – вели Вјомитра во еден клип објавен на „Твитер“. Но, движењето на роботот ќе биде ограничено.

Мисијата е дел од поголемите амбиции на Индија да испрати индиски астронаути во вселената до 2022 година (ако сè оди според планот), што индискиот премиер Наренда Моди го најави во 2018 година.

Сепак, ова не би било прво испраќање на хуманоиден робот во вселената. Русија во август минатата година го испрати хуманоидниот робот ФЕДОР до Меѓународната вселенска станица.