Вкупно околу еден милион дизел модели во Германија чекаат на плацеви, претежно со стандард Еуро 5 и 6.
Во Германија дизел возилата вртоглаво ја губат својата цена бидејќи многу градови го ограничуваат движењето во центарот. Дизелите со Еуро 5 стандард одамна не се продаваат, а според податоците стагнира продажбата и на половните Еуро 6 автомобили.
„Ова е користен Passat Euro 6 кој досега како половен го продававме за 29.000 евра, сега го нудиме и за 21.000 евра и никој не го сака. Понатамошно намалување на цената нè доведува до голема загуба“, вели германски дилер на користени автомобили.
А загубата на дилерите на автомобили во Германија се зголемува, многу од нив прогласиле и банкрот заради лошата состојба.
„Според нашите проценки, на плацевите моментално се наоѓаат 350.000 дизели со Еуро 5 стандард. Во нив се заробени повеќе од пет милијарди евра. Тие чекаат на клиенти во просек по 106 денови. Секој ден на плац, дилерите ги чини по 28 евра секој автомобил“, велат од Здружението на продавачи во Германија.