Истражувачи направиле нов вид цемент што не само што потекнува од живи суштества туку и може една тула да ја претвори во две, две во четири и четири во осум.
Иако новиот материјал нема сам да изгради куќа, може да доведе до градежни компоненти што сами ќе се поправаат.
Живиот цемент би можел да им послужи и на астронаутите што ќе ја истражуваат планетата Марс за изградба, со помош на локално достапниот материјал и неколку бактерии.
Новиот вид цемент е дел од растечкото поле на произведени живи материјали во кои организмите (обично бактериите) им се додаваат на неживи за да им овозможат да чувствуваат, комуницираат, па дури и да одговорат на промените на животната средина.
Во последниве години се создаваат материјали да чувствуваат притисок, да регистрираат светлина и да убиваат опасни бактерии. Но, обично таквите материјали се само тенок слој на структурната поддршка.
Тим од Универзитетот во Колорадо, предводен од Вил Срубар, се впуштил во изработка на бетонски градежни материјали. Тимот зел вид цијанобактерии од родот „Synechococcus“ и ги измешал со песок и хидрогел што содржи вода и хранливи материи.
Оваа мешавина обезбедила структурна поддршка за бактерии кои, како што растеле, зад себе оставале калциум карбонат, слично како одредени морски школки. Откако се исушил, добиениот материјал бил силен колку цементен малтер.
Во соодветни услови, што вклучуваат релативно висока влажност, овој жив материјал не само што преживеал туку и почнал да се размножува. Откако истражувачите ја преполовиле првата тула и додале повеќе песок, хидрогел и хранливи материи, цијанобактериите се претвориле во две тули. Три генерации подоцна, станале осум тули.
Извори: Tportal.hr / Science Mag
Поврзани артикли