Регистрирајте го Вашиот eID и користете е-услуги
Uslugi.gov.mk е Национален портал за електронски услуги кој беше претставен од страна на Министерството за информатичко општество и администрација во декември 2019.
Порталот има за цел на граѓаните да им овозможи брз и лесен пристап до информации за сите јавни административни услуги. Граѓаните можат бесплатно и без регистрација да ги добијат информациите за сите достапни јавни услуги на порталот (повеќе од 700), само со посета на линкот Uslugi.gov.mk и прелистување на страните. Додека, пак, за целосно искористување на бенефитите кои ги нуди платформата и користење на електронските услуги (кои во овој момент бројат над 120) потребно е да го креираат своето eID.
eID е средство за електронска идентификација и претставува кориснички профил за конкретно физичко лице. eID профилот го поврзува идентитетот на граѓанинот при процесот на регистрација така што еднократно се проверуваат личните податоци, со помош на документи за лична идентификација и се потврдуваат во Централниот Регистар на Население (ЦРН).
Се прашувате зошто треба да го креирате своето eID уште денес и да започнете со користење на Uslugi.gov.mk?
Во продолжение издвојуваме 5 клучни причини…
1. Нема повеќе чекање на ред по шалтери, со Uslugi.gov.mk секогаш сте први на ред!
Со креирање на Вашето eID и користење на Uslugi.gov.mk, ќе заборавите на чекање на ред по шалтери и ќе заштедите време и нерви. Со користење на Uslugi.gov.mk ќе избегнете ситуации од типот „само да прашам“, „на пауза“, „редот е позади“ и „кој ќе чека“… и ќе бидете секогаш први на ред!
2. Потврда на информациите во Националниот регистар на население
Со креирање на Вашето eID вршите проверка и потврда на Вашите податоци во Централниот регистар на население (ЦРН). Централниот регистар на население е управуван од МИОА и претставува централна електронска база во која се содржани ажурни основни податоци за граѓаните. При регистрација и најава на Порталот, како и при поднесување на барање за е-услуга, системот за најава преку eID-то комуницира со ЦРН заради проверка на личните податоци за корисникот.
3. Доколку имате профил на УЈП, процесот на регистрација трае неколку минути…
Системот за единствена најава (СЕН) преку кој го создавате своето eID може да се поврзе со Вашиот профил на УЈП доколку имате активна корисничка сметка во регистарот на корисници на УЈП. За да го направите ова веднаш, кликнете тука. Со успешна регистрација со корисничката сметка од УЈП, Ви се креира eID на ниско ниво.
4. Нема повеќе „ти фали барање“!
На Uslugi.gov.mk ќе ги најдете сите информации за бараната административна услуга заедно со барањата, документите, условите, роковите, трошоците за апликација…На пример, доколку се прашувате каква е процедурата за издавање на извод од матична книга на венчани, на следниов линк ќе може да ги добиете сите информации за услугата, а со регистрирано eID, ќе можете и директно преку Uslugi.gov.mk да аплицирате за услугата на брз и едноставен начин. Дополнително, со најава може и да го следите статусот на барањето целосно електронски.
5. Бројот на електронски услуги постојано ќе се зголемува
Бројот на достапни услуги за кои има информации на Порталот изнесува повеќе од 700, а над 120 од нив во овој момент се целосно електронски достапни на Uslugi.gov.mk. Бројот на услуги како и нивната дигитализација постојано ќе бидат ажурирани од страна на МИОА и институциите, па така, со Вашето eID ќе можете во иднина да ги завршите скоро сите административни услуги од комфорот на својот дом или канцеларија директно преку мобилен, лаптоп или десктоп уред!
Не чекај, креирај го твојот eID и регистрирај се на www.Uslugi.gov.mk уште денес!