Златото отсекогаш било обележје на богатство и моќ. Заради злато, се воделе војни, се убивале владетели и се освојувале територии. Но, со текот на годините златото некако ја изгуби ексклузивноста, но не и вредноста.

Група научници од Швајцарскиот федерален технолошки институт во Цирих (ЕТХ Цирих) смислиле начин како да произведат злато во лабораторија. И тоа не какво било злато. Нивното злато тежи пет до десет пати помалку од традиционалното 18-каратно злато и би можело да се употребува за позлатување на накит, кој така би ја задржал својата вредност, но би бил значително полесен.

И додека класичната мешавина на 18-каратното злато е направена од 3/4 злато и 1/4 бакар, новото злато е направено од протеински влакна и полимери на латекс за да се создаде матрица во која се вметнуваат тенки дискови на златни нанокристали. Звучи комплицирано? Поедноставно можеме да кажеме дека создале злато од пластика.

Како што објаснува Рафаел Мезенга, еден од професорите што учествувале во изработката, новото злато ги има сите одлики на пластика и злато. Лесно е, ако падне на цврста подлога, звучи како пластика, но сјае како злато и може да се обработува како класичното злато.

Научниците дури и откриле како да го менуваат составот на златото за да ја приспособат цврстината. Така, можат да создадат каков бил вид злато, дури и во различни бои.

Мезенга истакнува дека пластичното злато би можело да се користи за накит, но и во електронските уреди – паметните телефони и телевизорите.

Научниците веќе го патентирале пластичното злато и целата постапка на изработка, па во иднина пластичното злато би можело да има и практична примена.

Извор: B92.net