Пред 32 години неколку десетици држави потпишаа меѓународен договор со кој се забранува употреба и производство на хемикалии кои ја оштетуваат озонската обвивка.
Денес Монтреалскиот протокол обединува околу 200 земји, а позитивните ефекти веќе може да се уочат, па се смета за најуспешен меѓународен договор од областа на животната средина.
Како почна сè?
Во 70-тите години од минатиот век американските хемичари Шервуд Роланд и Марио Молина покажаа дека соединенијата како хлорофлуоројаглеродите и халоните, кои најмногу се користат во производството на фрижидери, клима-уреди и спрејови, значително ја оштетуваат озонската обвивка. Истражувачите за ова откритие во 1995 година добија и Нобелова награда за хемија, а вниманието на јавноста кон овој проблем беше насочено од 1985 година, кога над Антарктикот беше забележана голема озонска дупка.
Поради тоа што озонската обвивка ја штити Земјата од ултравиолетовото зрачење, стана јасно дека ако продолжиме да ја уништуваме, тоа зрачење ќе стане значително посилно, што директно влијае врз здравјето на луѓето и може во голема мера да го зголеми бројот на заболени од рак на кожата. Кога од денешна перспектива се зборува за успехот на Монтреалскиот протокол, многу аналитичари сметаат дека ова може да е една од причините зошто овој договор доби таква поддршка. Од друга страна, доведе и до позитивни ефекти за кои луѓето можеби отпрвин не би рекле дека се однесуваат на квалитетот на животот, но долгорочно се многу важни.
Зошто успеа Монтреалскиот протокол?
Една од првите земји што заговараа договор за хемикалиите штетни за озонската обвивка беа САД. Тие влијаеја на многу држави за да им се придружат и беа јасен лидер во водењето на преговорите. Тоа овозможи голем број земји активно да се вклучат во изнаоѓањето на решението и еден од првите договори кој беше направен беше потписниците на договорот да можат да тргуваат со овие супстанции само со други земји кои исто така се дел од Протоколот. Оваа одредба значеше дека земјите надвор од договорот беа исклучени од тие трговски текови, а ниедна влада не беше спремна да ја плати таа цена.
Предности на Монтреалскиот протокол се и јасната одреденост и конкретното наведување на супстанциите на кои се однесува и процесот и производите каде што тие најмногу се користат. Тоа овозможи од самиот почеток јасно да бидат мапирани неопходните чекори за да се реши проблемот.
Државите-потписнички се договорија во рамките на Монтреалскиот протокол да основаат и Мултлатерален фонд, чија цел е давање финансиска и институционална поддршка за земјите во развој за да ги постигнат неопходните цели за да се запре уништувањето на озонската обвивка.
Поддршка за сите овие напори даде и јасната комуникациска кампања, со чија помош граѓаните дадоа поддршка за спроведување на сите неопходни мерки.
Многу истражувачи што се занимаваат со животната средина, но и оние што носат одлуки и правни рамки во последните години се обидуваат да најдат одговор кои елементи од протоколот го направија успешен и кои од тие рецепти можат да се применат и на Парискиот договор, кој моментално се соочува со многу проблеми.
Како Монтреалскиот договор влијае врз климата?
Да не беше потпишан договорот, кој во 2017 година генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го нарече „пресвртница за сите луѓе и нашата планета“, озонската обвивка до 2050 година би била уништена, што драматично би го зголемило нивото на УВ-зрачењата, но би ја зголемило и просечната глобална температура. Треба да се има предвид дека соединенијата што ја уништуваат озонската обвивка имаат многу посилен ефект на стаклена градина отколку јаглеродниот диоксид.
Во декември 2019 година во списанието „Environmental Research Letters“ беше објавено истражување кое покажува дека благодарение на Монтреалскиот протокол и денес глобалната температура е пониска отколку што би била без него. Авторите на овој труд тврдат дека до средината на векот просечната глобална температура ќе биде за еден степен пониска отколку што би била доколку продолжевме да ја уништуваме озонската обвивка, а во одредени подрачја, како што е Арктикот, таа разлика е уште поголема.
Научен придонес
Научните откритија одиграа една од клучните улоги во решавањето на овој проблем. Штом беа собрани докази дека постои озонската дупка и дека ќе продолжи да се шири доколку не се преземе ништо, беа дадени јасни препораки што треба да се преземе за да се запре ширењето на озонската дупка.
Успешноста во сите овие предвидувања покажува дека со помош на науката можеме да ја предвидиме иднината со години и децении однапред и со тоа да го обликуваме своето однесување и да избегнеме да дојдеме до момент кога веќе ќе биде доцна. Овој вид предвидливост на кој можеме да се потпреме е многу важен, особено на вака долги временски патеки, кои често им се апстрактни на луѓето бидејќи најчесто се фокусирани на она што се случува сега или година-две однапред.
Што е со климатските промени?
Климатските промени, за жал, се многу посложен проблем кој зафаќа многу повеќе аспекти од нашите животи и нивното запирање е многу потешко. Поради тоа, сè уште не постои јасен консензус на сите актери за запирање на емисиите на гасовите со ефект на стаклена градина.
Иако сите „рецепти“ од Монтреалскиот протокол не можат да се применат и на овој конкретен случај, тој договор стар 30 години сепак може да ни послужи како инспирација и јасна водилка дека кога има волја и подготвеност на сите земји да се реши некој проблем, тоа може и да се направи.
Озонската обвивка, која сега почна да дава и знаци на закрепнување, е најдобар сведок за тоа.
Извор: B92.net