Ако својот дом го делите со куче или маче, внимателно погледнете го својот миленик и ќе видите што сè не знаете за вештачката интелигенција. Можеби мислите дека вашата мачка не прави ништо по цел ден, освен што спие и јаде, но не е баш така. Таа оди, трча, скока, јаде, чувствува страв, се размножува и ги учи своите малечки како да преживеат.
За секоја од овие акции се потребни процеси кои не се директно „интелигенција“, но се поврзани со сознанието и интелигенцијата што ја имаат сите животни, од пајакот кој плете мрежа до кучето водич, кое им помага на луѓето. Некои животни дури и комуницираат со нас.
Мачките и кучињата не се двоумат да го користат говорот на телото и да мјаукаат, лаат или да мавтаат со опашката за да го добијат тоа што го сакаат.
Одењето е комплицирано
На пример, на бебињата во просек им е потребна една година за да научат да одат, демонстрирајќи ја сложеноста на она што може да изгледа како „едноставен“ проблем. И тоа сега го велиме само за одењето, а не за скокањето или, на пример, за играњето фудбал.
Малите животни многу побрзо проодуваат, некои дури и истиот ден кога ќе се родат.
Еден од најголемите предизвици за автономната роботика е токму конструирањето и изработката на роботи со две нозе.
Препознавањето не е разбирање
Иако е точно дека некои компјутери сега можат да ја именуваат содржината на речиси која било слика, тоа не значи дека имаат интелигенција или моќ на сознавање.
На пример, за да може програма на вештачка интелигенција да препознае мачки, прво би требало да ѝ бидат „покажани“ дури милион фотографии. Кога ќе ги вчита, таа ќе може да изгради внатрешна визуелна репрезентација на објектот.
Од друга страна, животните, кога еднаш ќе видат човек, тие ги препознаваат и сите останати како луѓе. Врз основа на тоа, знаат кога треба да пријдат, да побегнат или да се „подготват“ на тоа дека наскоро ги очекува храна.
Долг пат до целта
Уште едно нешто што вештачката интелигенција (барем засега) го нема е телото со кое би ги набљудувале надворешните влијанија.
Невозможно е роботите да знаат, на пример, кога има закана од опасност од тоа да изгорат во оган. Причината е проста – тоа не им се случило никогаш порано.
Иако е постигнат спектакуларен напредок во областа на учењето за вештачката интелигенција, прашањето за вчитување на дигиталните симболи во реалниот свет останува нерешено.
Без да се реши овој проблем, нè чека долг пат до развојот на вештачката интелигенција која би можела да ги замени луѓето или животните.
Извор: B92.net