Во пријатна и релаксирана атмосвера Националното жири за Избор на Автомобил на годината во Македонија го прослави 25 годишниот јубилеј
Со коктел-прием во скопскиот локал Tribeca – Botanic Shop & Cafe всушност беше означен почетокот на активностите за јубилејниот Избор, истовремено собирајќи ги на исто место досегашните победници, импортери на автомобили во Македонија и оние што во досегашните 25 години биле дел од Националниот Избор на автомобил на годината.
Како што велат сегашните членови на жирито, се почнува во декември 1995 година кога на иницијатива на доајенот на македонското автомобилско новинарство Томислав Биљарац е формирано првото Национално жири. Традицијата се одржува и ден денешен, а Изборот на Автомобил на годината во Македонија останува како една од ретките манифестации кои опстојуваат во овој долг временски период.
„Токму сега во декември го одбележуваме и тој 25 годишен јубилеј. Бевме пионери на овие простори во организирање на ваков Избор, а бевме пионери и во многу други работи поврзани со автомобилската индустрија и обидот да се подигне свеста кај луѓето за поголема мобилност, но и да се изгради свеста кај купувачите на домашниот пазар, за вредноста на напредните технологии, безбедносните системи и сé она што носи иднината а при тоа водејќи сметка и за вредностите на естетиката и стилот“, пред пристуните гости изјави сегашниот претседател на жирито, Горан Антевски.
Од жирито се заблагодарија на сесрдната помош и од домашните импортери, како и од нивните принципали, но и од медиумите и од пошироката јавност што веќе 25 години го следи изборот очекувајќи ја одлуката кој ќе ја понесе следната круна за Автомобил на годината во Македонија.
Како што кажано, многу имиња низ годините го дале својот придонес во растењето и созревањето на жирито. Некои се и денес тука, а некои не, но сите оставиле своја трага во националниот избор за автомобил на годината.
На прославата беа изложени и првото и последното доделено признание за Автомобилот на годината за 1996 година – Fiat Bravo/Brava и 2019 – Ford Focus.
Членовите на жирито велат дека подготовките за овој јубилеен Избор се веќе во полн ек. Во средината на јануари 2020 година ќе бидат објавени и финалистите кои ќе бидат во конкуренција за победник и добивање на наградата „стилизирана маска на ладилник“ – авторско дело на Валентин Ширилов што во сите досегашни збори го добива победникот, а специјално изработена токму за Националниот Избор на Автомобил на годината во Македонија.
Победникот на Изборот ќе биде прогласен во средината на февруари 2020 година, а претходно ќе следуваат и финалните тестирања и традиционалните дружења на финалистите и Националното Жири за Избор на Автомобил на годината во Македонија.
Покрај наградата „Автомобил на годината во Македонија“, ќе биде доделено и признанието „СУВ автомобил на годината“, како и признанието за посебни достигнувања во автомобилската индустрија – „Томислав Биљарац“.
Поврзани артикли