Ако ви се допаѓа идејата на „паметен дом“ и не можете да дочекате и вие да живеете во футуристичката утопија во која се во вашата куќа е онлајн, Amazon, Apple и Google имаат добри вести за вас.
Компаниите кои стојат зад производите Echo Dot, HomeKit и Nest Mini сега работат на создавање на нов стандард за регулирање на технологијата на паметни домови, со цел да се „поедностави развојот и да се зголеми компатибилноста“.
Името на овој потфат? Проектот Connected Home Over IP. Супер здодевно име со симпатична скратеница CHIP. Ќе биде со отворен код, со цел ниту еден од овие гиганти да немаат преголемо влијание, а на штета на помалите играчи на пазарот.
За таа цел, компаниите исто така ќе соработуваат со Zigbee Alliance и нејзините членови, меѓу кои се IKEA, Legrand, NKSP Semiconductors, Resideo, Samsung SmartThings, Schneider Electric, Signify (порано Philips Lighting), Silicon Labs, Somfy и Wulian.
За жал, додека Amazon, Apple и Google се обврзаа и натаму да ги поддржуваат своите постоечки производи, велат дека нивната работа на стандардот ќе се фокусира на новите производи, што значи дека сегашните производи можеби нема да го поддржуваат.