Инфлуенсерите на „Инстаграм“ и на „Фејсбук“ веќе нема да можат да промовираат брендирани производи од тутунската индустрија или кој било вид оружје. Забраната важи и за електронските и за стандардните цигари, јавува Си-ен-ен.
Од „Фејсбук“ соопштија дека овие производи одамна се забранети за рекламирање, но забраната ќе биде заострена во наредните недели.
Од друга страна, промовирањето на алкохол и диететски додатоци во исхраната бара посебни ограничувања, со оглед на тоа што на „Инстаграм“ не е јасно одредено на што точно се однесува.
Во јуни „Инстаграм“ ги смени правилата за реклами со брендирани содржини што им овозможуваа на брендовите да ја трансформираат спонзорираната содржина на инфлуенсерите во своја за да допрат до повеќе корисници.
Сега брендираната содржина што се рекламира се означува со ознаката „платено партнерство“.