Турција е на добар пат да стане едно од најголемите упоришта за криптовалута во светот, пишува Коинтелеграф.
Според истражувањето на агенцијата Статист, 20 отсто од Турците имаат контакт со дигиталните валути, што е најголем процент во светот.
Друго истражување, пак, покажува дека уште во април 2015 година 45 отсто од Турците чувале дигитални валути за иднината, додека европскиот просек е само 28 отсто.
Исто така, 56 отсто од Турците се изјасниле дека користат мобилни апликации за плаќање. Во европски рамки тоа е 33 отсто.
Порастот на криптовалутата можеби главно е поврзан со економската криза во земјата, се оценува во текстот и се додава дека турската лира изгуби голем дел од својата вредност по неуспешниот државен удар во 2016 година и економската неизвесност што следеше.
Поради тоа Турците брзо се подготвија да се префрлат на криптовалутите. Во 2017 година турската влада се обиде да го запре напредокот на биткоинот, наведувајќи како причина за тоа дека дигиталните пари се некомпатибилни со исламот поради својата шпекулативна природа.
Анкара сега работи на виртуелна валута и платформа за меѓународни дигитални плаќања. Најдоцна до 2020 година треба да ја заврши фазата на тестирање и да воведе крипто-лира.