Скриени опции во Chrome што штедат меморија и батерија

Google Chrome е најпознатиот светски интернет-пребарувач и секојдневно го користат милиони луѓе. Тој е сигурен, едноставен за употреба и постојано се подобрува. Сепак, „Хром“ има и многу корисни (и помалку корисни) скриени опции за кои можеби никогаш не сте слушнале.

Ако ги користите правилно, ќе заштедите и време и батерија, но и меморија…

„Пинувајте“ ги табовите

Ако сурфате со голем број отворени табови, можете да го намалите хаосот така што ќе ги пинувате оние со најмала веројатност дека ќе ги затворите. Притиснете десен клик на табот и одберете ја опцијата Pin Tab. Автоматски таа ќе се намали и ќе се помести налево.

Штедете батерија

Ако ја жртвувате „брзината“, односно перформансите, можете да ја продолжите работата на батеријата. Во опцијата Settings придвижете се до делот System, па тргнете го штиклирањето од полето Continue running background apps when Google Chrome is closed. Не се препорачува оваа опција да ја користите постојано, но ќе ви биде добредојдена секогаш кога ќе немате полнач при рака.

Сурфајте побрзо

Постојат „мал милион“ додатоци на „Хром“, но еден од најкорисните секако е Google’s Data Saver. Тој ги компресира страниците што ги посетувате за да се намали количината на промет на податоци со цел да се забрза времето на вчитување на страницата.

Направете повеќе профили

Ако користите повеќе профили на „Гугл“, за работа или приватно, можете да ги сочувате вашите букмаркови и историјатот на сурфање за секој профил посебно, така што ќе отворите посебни профили.

Одете во опцијата Settings –> Manage People –> Add person.

Оваа опција е корисна и кога некому ќе му го позајмите вашиот компјутер, а не сакате тоа лице да има пристап до она што вие сте го работеле и да гледа кои страници сте ги посетиле.

Дополнителни информации

За да ги видите колачињата и дозволите за секоја страница која ја посетувате, одете на симболот View Site information на самиот лев раб на омнибарот.

Ќе можете едноставно да ги контролирате работите како Popup и локациските опции.

Таск менаџер

Брзо и едноставно можете да дознаете кои страници трошат најмногу меморија и го забавуваат прегледувањето, така што ќе одите на опцијата More tools и ќе го отворите Chrome Task Mаnager.

Стартап

Ако постојат одредени страници што сакате да се отворат веднаш штом ќе го вклучите вашиот компјутер, „Хром“ може тоа да го направи место вас: Settings –> Set Pages во секцијата On Startup и да ги одберете посакуваните страници.

Пребарувајте на Gmail директно од омнибарот

Одете во опцијата Settings –> Manage Search Engines, движете се до крај и во боксот на десната страна залепете: https://mail.google.com/mail/ca/u/0/#apps/%s