Државниот студентски дом – Скопје обезбеди нова поволност за студентите сместени во четирите студентски домови во Скопје. Станува збор за потпишување на меморандум за соработка со четири академии за неформално образование Семос, Сеавус Едукативен и Развоен Центар (SEDC), Brainster и Creative Hub.
„Со потпишување на меморандумот за соработка обезбедивме попуст до 30 % за посета на тренинг обуки и курсеви од областа на компјутерската технологија, маркетинг, дизајн, бизнис итн. Наша заложба како институција е секогаш кога можеме да им озвозможиме на студентите дополнителни придобивки и се стремиме тоа да биде тоа во насока на нивна едукација и професионална надградба“, истакнува Дарио Николовски, директорот на Државниот студентски дом.
Во академиите Семос и Сеавус студентите можат да посетуваат обуки и курсеви од компјутерската технологија поточно во областите на програмирање, дизајн, компјутерски мрежи и тестирање на софтвер. Brainster овозможува стекнување на практични вештини при организирање курсеви, академии, кариерна трансформација и поврзување на талентите со иновативните компании oд областа на маркетинг, дизајн, бизнис и програмирање. Додека Creative Hub пак обезбедува предавања со што отвора можност студентите да стекнат вештини и компетенции во областа на маркетинг и односи со јавност, графички дизајн, веб дизајн, човечки ресурси итн.
Меѓусебни соработки со компаниите се многу важни бидејќи овозможуваат не само проширување на знаењата туку и можности за идни вработувања. Во таа насока Државниот студентски дом – Скопје ги повикува сите заинтересирани студенти да ги разгледаат понудите на академиите за неформално образование на следниот од линк https://dsdskopje.mk/edukacija-za-studenti/?fbclid=IwAR3L2pILgn9FBgJTUtr37FLD43ACxbWfMCAqr0JW_Z0i-eFyu81BZl8lrWA и притоа да посетат дел од обуките, да стекнат нови знаења или да ги надградат постоечките. Државниот студентски дом – Скопје и во иднина ќе продолжи да ја шири мрежата на компании кои нудат поволни услови кои се во корист на студентите.