Првиот заменик-генерален директор на компанијата „Гонец“ (единствениот оператор на „Роскосмос“ за системи за комуникација, емитување и ретранслација) Олег Химочко во интервју за РИА „Новости“ изјави дека Русија ќе направи сопствен сателитски систем за телефонска комуникација.
„Во новата генерација на системот „Гонец“ се планира да се реализира функцијата за сателитска телефонија на територијата на Русија, а со оглед на тоа дека денес на рускиот пазар на сателитска телефонија главно се застапени странски компании како што се Iridium, Globalstar, Inmarsat и Thuraya, сметаме дека решавањето на оваа задача е многу значајно и потребно во овој момент“, рече соговорникот на агенцијата.
Во моментов сателитската врска во Русија е можна само преку странски орбитални сателитски системи. Дури и руското Министерство за одбрана ги користи услугите на американскиот оператор Iridium.
Според зборовите на Олег Химичко, новиот систем првенствено ќе биде наменет за пазарот на индустрискиот Интернет на нештата. Како што сметаат програмерите, тој ќе биде баран во енергетската, нафтената и гасната индустрија, сообраќајот, меѓу другото и во бродскиот сообраќај, како и во земјоделството, екологијата, рударството и во други гранки.
„А достигнувањата како што се обработката на голема количина податоци, клауд-технологиите и употребата на сензорите не само за добивање информации, туку и за контрола, ќе овозможат не само следење на состојбата на објектите, туку и креирање на автоматизирани потсистеми во различни гранки на социјално-економската сфера“, рече соговорникот на агенцијата.
Извор: Russia Beyond