Годинашниот Tech Flow настан, организиран од „Ендава“, беше со тема „To Automation and Beyond“. Овој настан привлече многу внимание во ИТ заедницата бидејќи обработи тема која моментално е многу актуелна во ИТ индустријата, а посебно во Македонија.
Тоа што денска најмногу се бара е брза испорака на софтвер, постојано подобрена преку агилниот начин на работа и прилагодување според најновите трендови.
За да се постигне брза испорака на софтвер, потребнo е автоматизирање на повеќе процеси, а уште повеќе и интегрирање на најдобрите DevOps практики при испорака на квалитетни и одржливи софтверски решенија. Користењето на ефективен DevOps процес и автоматизација се важен дел од современите практики за развој на софтвер.
Главниот говор на овој Tech Flow го одржаа Еоин Вудс, главен технички директор во „Ендава“ и Едвард Батлер, потпретседател за DevOps трансформација во „Ендава“.
„Навистина со нетрпение го очекувавме TechFlow во Скопје. DevOps веќе некое време е главен збор, кој создава конфузија за тоа дали се однесува на континуирана испорака и дали станува збор само за „алатка“ или нешто пошироко. Сепак, сега им станува јасно на модерните организации дека DevOps подразбира култура и начин на работа во организацијата. Настапува онаму каде што престанува агилното размислување (откако ќе се произведе кодот) и применува слични принципи во процесот на доведување на софтверот до фаза на продукција користејќи го тоа оперативно искуство како основа за учење. Секако, важна е и технологијата за автоматизација. Значи, во Ендава го користиме терминот „DevOps“ за да се осврнеме на начините на работа и „континуирана испорака“. Истовремено го истакнуваме значењето на автоматизацијата која овозможува DevOps да стане реалност. Во нашиот разговор објаснивме зошто го правиме тоа, што значи за нас DevOps и како работевме со некои наши клиенти за спроведување на DevOps во нивните организации.“ – изјавија Еоин и Едвард за нивната тема.
Виктор Сушелски, сениор тестер во „Ендава“, се фокусираше на тоа како да се поедностави процесот на автоматизирано тестирање.
„Оваа презентација се фокусира на проблемите и предизвиците поврзани со креирање рамка за автоматизирано тестирање. Идејата е да се забрза и автоматизира процесот со цел да се намали комплексноста и времето потребно за создавање на ваков Framework,преку користење на архетипови и композиција од конфигурирани модули.“ – истакна Виктор.
За самиот процес на DevOps и корисноста на Kubernetes зборуваше Киро Велковски, сениор DevOps инженер во „Ендава“ кој истакна дека „денешните алатки овозможуваат брза изградба на пајплајни и инфраструктура, брзо клонирање и промени. И сето тоа со инфраструктура како код и примена на Kubernetes со јасни придобивки за клиентот. “
Tech Flow е серија на настани организирани од „Ендава“ кои обработуваат актуелни теми во ИТ индустријата и се отворени за целата ИТ заедница во Македонија. Во наредниот период планирани се уште вакви настани каде целта е нетворкинг, пренесување на знаења и искуства од професионалци кои се развиваат и работат во одредена област.
Поврзани артикли