Холандија ја намалува максималната дозволена брзина на автопатиштата

Премиерот на Холандија, Марк Руте, во средата изјави дека на многу автопатишта во оваа земја, ограничувањето на брзината за автомобили ќе биде 100 км/ч, наместо досегашните 130 км/ч.

Според Ројтерс, тоа е дел од пакетот итни мерки за намалување на загадувањето од азотни оксиди. Мерката доаѓа откако Врховниот суд на Холандија објави дека владините правила за лиценцирање на проекти кои емитуваат азотни оксиди ги кршат законите за животна средина на ЕУ.

Одлуката на Врховниот суд, исто така, довела до замрзнување на дозволите за многу градежни проекти во земјата. Азотот најмногу се испушта од сточарските фарми, автомобилите и камионите, како и од градилиштата.

Инаку, Конзервативната народна партија за слобода и демократија на премиерот, во холандската јавност е позната по поддршката што им ја дава на возачите на моторизирани превозни средства. Затоа Рут во својата изјава вели дека не е среќен поради одлуката за укинување на границата од 130 км/ч, но овој пат морал да попушти поради големиот притисок.