Motorola го претстави својот преклопен Motorola Razr паметен телефон опремен со флексибилен OLED екран. Уредот е своевиден омаж на Motorola Razr V3 телефонот на преклоп од 2004. година, а тимот кој го развиваше сними видео за тоа како овој уред стана реалност.
Glenn Schultz, потпретседател на Motorola за иновации и развој на производи истакна дека тимот морал да го редифинира начинот на кој се дизајнираат флексибилните уреди. Целиот процес траел четири години и матичната компанија Lenovo имала свој поглед на дизајнот, како на панелот, така и на шарката.
За да го направат новиот Razr, тимот за развој поминал низ дури 26 различни прототипи, пред да се одлучи за сегашниот преклопен дизајн. Голем фокус му е посветен на изгледот на телефонот, па затоа доаѓа спакуван во 3D Corning Gorilla Glass и брусен нерѓосувачки челик. За да се осигура дека отворањето и затворањето нема да бидат проблем за крајните корисници, Motorola направи машина која ја тестираше постапката повеќе пати, пред да бидат сигурни дека телефонот е конечно подготвен.
Дизајнот на шарките е сосема нов и значително се разликува од она што го видовме кај Samsung Galaxy Fold и Huawei Mate X.
Сè уште се очекува официјалниот датум на продажба, како и повеќе информации за цените надвор од американскиот пазар. Дотогаш, можете да проверите неколку кратки видео клипови, кои Motorola ги постави на својот YouTube канал.