Најверојатно, многу пред појавата на цивилизациите, луѓето си поставувале прашања за тоа кои сме, од каде доаѓаме и која е целта (ако воопшто постои) на нашето постоење. На некои од овие прашања, тие одговорите често ги наоѓале во религиозни толкувања и догми. Со зголемување на знаењето низ вековите, а особено со рапидниот подем на науката во 20-тиот век, отпочна ера на научно објаснување на Универзумот во кој живееме. На предавањето ќе се зборува за теоријата на Големиот Прскот (Биг Бенг), како дошло до неа и како таа се развива и менува низ децениите, а ќе се опфатат и сценаријата за тоа како нашиот Универзум би можел да „заврши“.
Петтото предавање од популарниот циклус на Скопско Астрономско Друштво ќе се одржи во четврток, со почеток во 20 часот, во Амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Цената на влезницата изнесува 100 денари, а за членовите на Скопско Астрономско Друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје, влезот ќе чини 50 денари (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).
Билетите се купуваат пред почетокот на предавањето, на влезот на амфитеатарот, и не е потребна претходна најава. Се замолуваат посетителите дојдат 10 минути пред почетокот, како би можеле навремено да купат билет и да се сместат во амфитеатарот пред почетокот на предавањето.
Поврзани артикли