Samsung предвидува пад на профитот за повеќе од 50 проценти

Samsung Electronics денес објави дека очекува намалување на оперативниот профит во третиот квартал за повеќе од 50 проценти поради падот на глобалниот пазар на чипови.

Прогнозираната оперативна добивка за периодот од јули до септември е 6,4 милијарди долари, што е намалување за 56,2 проценти во однос на истиот период минатата година, соопшти најголемиот светски производител на смартфони и мемориски чипови.

Ова ќе биде четврт последователен квартал во кој јужнокорејскиот технолошки гигант бележи пад на профитот во услови на паѓање на цените на полупроводникот и пониската побарувачка за неговите мобилни уреди, објави AFP.

Samsung нема да објави податоци за нето профитот и работење по сектори додека не биде објавен конечен извештај за заработката, кој се очекува подоцна овој месец.

Акциите на Samsung паднаа денес за 2,4 проценти на берзата во Сеул, бидејќи прогнозата за оперативната добивка е помрачна од очекуваното.

Samsung Electronics е дел од Samsung Group, најголемиот конгломерат под семејна контрола во Јужна Кореја, кој доминира во бизнисот во единаесеттата светска економија. Овој гигант е клучен за економското здравје на Јужна Кореја.