Кон крајот на 1999 година Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи периодот од 4 до 10 октомври како Светска недела на Вселената (World Space Week), со цел секоја година да се слави меѓународниот придонес на вселенската наука и техника, со цел за подобрување на условите за живеење на целото човештво. Овој глобален настан секоја година во фокус става нова тема што се слави и за којашто се дебатира. Така, мината година мото на настанот беше “Вселената го обединува Светот”, додека оваа година тема на глобалниот настан е “Месечина: Портал кон ѕвездите“, што е сосема природно и соодветно ако се има предвид овогодишниот голем јубилеј – 50 години од стапнувањето на човекот на Месечината. На оваа тема ќе се одржат повеќе од 5 000 настани, во повеќе од 80 земји во светот.
Кај нас, Скопското астрономско друштво, во соработка со Младинскиот Културен Центар (МКЦ), се вклучи во прославата на Светската недела на Вселената, со организирање предавање на 4 октомври, во петок, што ќе се одржи во Планетариумот сместен во склоп на МКЦ, во Скопје.
Како што јавуваат од Скопското астрономско друштво, првиот дел од настанот, што ќе трае околу триесетина минути, ќе се одржи во Планетариумот при што посетителите ќе можат да ја видат симулацијата на ноќното небо, додека во вториот дел присутните ќе имаат можност да го проследат краткото предавање (20 минути) за Спутник и почетокот на вселенската ера.
Доколку временските услови на овој ден се покажат поволни за набљудување на ноќното небо, од САД планираат да постават и телескоп за набљудување на Месечината или Сатурн. Телескопот ќе биде поставен на кејот на реката Вардар, спроти кино Фросина.
Сите заинтересирани може да ги посетат овие предавања што ќе се одржат во три термини со почеток од 19, 20 и 21 часот. Билетите за овој настан, по популарна цена од 150 денари, ќе бидат достапни на билетарницата на МКЦ.
Поради ограничениот капацитет на Планетариумот, бројот на посетители за едно предавање е ограничен на 70. Од овие причини Ви препорачуваме на време да набавите билети.