Град Скопје денеска потпиша договор за набавка на нови 33 екоавтобуси на гас со компанијата „Ман“.
Станува збор за 21 нископоден автобус со капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со капацитет од 149 патници.
Како што информираат градските власти, со потпишувањето на овој договор и официјално почнува постапката за набавка на автобусите кои идната пролет ќе сообраќаат по скопските улици.
„Tриесет и три нови еколошки автобуси со погон на гас ќе бидат дел од возниот парк на ЈСП. Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот“, изјави скопскиот градоначалник Шилегов на потпишувањето на договорот.
Тој додаде дека новите автобуси се во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволуваат стандардите за емисија Еуро 6.
Овој тип на автобус во Германија ја поседува ознаката „син ангел“ и е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа.
Производителот „Ман“ е германска компанија со мнозинска сопственост на „Фолксваген“. Компанијата е со седиште во Минхен, а има свои овластени претставништва низ целиот свет.
Поврзани артикли