Малата дупка која што се појавила и на руски „Сојуз“ додека бил прикачен на Меѓународната вселенска станица, поради која во станицата полека започнала да губи притисок и натаму е мистерија… барем за „НАСА“.
Во август 2018-та година на вселенското летало „Сојуз МС-09“ се појави два милиметри широка дупка која и ден денес е поврзана со контроверзии. Русите тврдат дека точно знаат за што станува збор, но американската вселенска агенција „НАСА“ не знае ништо за тоа и како што стојат работите, нема ни да дознае.
Говорејќи на научната конференција за млади во Русија, шефот на руската вселенска агенција „Роскосмос“, Димитриј Рогозин откри дека истрагата за тој инцидент вродила со плод.
„Дупката се наоѓаше во просторот за престој во капсулата и оттогаш исчезна при враќањето на капсулата на Земјата. Ние го истраживме тоа. Знаеме што точно се случило, но нема да ви кажеме. Мораме да задржиме барем некое ниво на тајност“, изјави Рогозин.
Откако дупката била откриена, астронаутите ја „санирале“ со самолеплива трака. Најпрвин помислиле дека станува збор за микрометеорит, но подоцна сфатиле дека станува збор за дупка направена со бушилица. Дали дупката била направена намерно или случајно, на Земјата или во вселената, не е откриено.
На шефот на „НАСА“, Џим Брајденстајн не му се допадна тоа што Рогозин смета дека за такво нешто Американците не би требало да знаат.
„Мене не ми кажаа ништо. Не би сакал една работа да ги наруши нашите односи, но јасно е дека е недозволиво да има дупки на Меѓународната вселенска станица“, смета Брајденстајн кој најави и разговор со Рогозин во врска со тоа.
Извор: Zimo.hr