Загадувањето на Јадранот со фекалии е од такви размери што неодамна кај Водњан во Истра фекалиите се регистрирани дури и на снимки од вселената, пишуваат хрватските медиуми.
Експертите се согласуваат дека дамките во водата што се гледаат на сателитските снимки на „Гугл мапс“, во областа недалеку од канализацијата кај Водњан, најверојатно потекнуваат од фекалии.
Проблемот е особено алармантен затоа што фекалиите наводно се шират кон националниот парк Бриони.
Раководителот на кабинетот на градоначалникот на Водњан, Филип Мацан, за „Индекс“ објаснил дека со системот за прочистување на отпадните води на подрачјето на овој град управува јавната компанија „Прагранде“.
Всушност, локалните власти се жалат на стариот систем за третман на отпадни води и најавуваат изградба на нов систем. Но, некои професионални нуркачи посочуваат дека при изградба проблем би можело да биде тоа што вградување на еден метар цевка на длабочина од 50 метри чини околу 1.000 евра.
Загадувањето со фекалии не е случајност, туку масовен феномен, велат еколозите и предупредуваат за сличен проблем со испуштање на канализацијата во Паг.