Јапонски научници открија костур на најголемиот диносаурус некогаш пронајден во таа земја, сокриен под морските наслојки стари 72 милиони години во градот Мукава.
Првично при заедничкото ископување, кое во 2013 година го спровеле музејот „Хобетсу“ и универзитетскиот музеј во Хокаидо, бил најден само опашот на ова големо суштество. Но со дополнителните истражувања е откриен речиси целиот костур на диносаурусот.
Според резултатите од анализата на научниците, станува збор за нов род и вид тревојаден хардосаурид диносаурус. Истражувачите го нарекле Kamuysaurus japonicus. „Kamuy“ доаѓа од името за божеството на аину – јазикот на домородното население во Северна Јапонија, „saurus“ доаѓа од латинското име за рептил, додека „japonicus“ се однесува на Јапонија.
Јапонски палеонтолози ги анализирале коските на пронајдениот примерок и утврдиле дека најверојатно станува збор за возрасна единка, која била долга околу 8 метри и тежела 4 или 5 тони, зависно од тоа дали одела на две или на 4 нозе.
Предниот дел од черепот на диносаурусот е издолжен, што значи дека неговата глава имала облик сличен на глава на патка. Научниците сметаат дека предците на овој вид диносаурус живееле во близина на океанот и дека таквото опкружување веројатно играло важна улога во понатамошната еволуција.
Извор: Index.hr
Поврзани артикли