Qualcomm Snapdragon 855 Plus е осум-јадрен процесор 2.9GHz за смартфони на Android. Овој чип ќе најде место во повеќето смартфони на водечките производители, кои ќе се појават во наредните месеци.
Компанијата ветува 15% повисоки перформанси во графиката, помала потрошувачка на енергија и модем Snapdragon X50 за поддршка на 5G мрежите.
Но, додека со нетрпение се очекуваат смартфоните со Snapdragon 855 Plus, откриен е незгоден проблем со процесорите на Qualcomm.
Најновиот месечен билтен за безбедност на Android потврдува дека има две слабости во процесорите на Qualcomm кои ги ставаат потрошувачите во ризик. Всушност, тие се нарекуваат QualPawn и можат да им овозможат на хакерите пристап до чувствителни информации, дури и без физички пристап до уредот.
Сепак, неопходно е жртвата и хакерите да бидат на истата Wi-Fi мрежа, пренесува ZDNet. Проблемот е во тоа што QualPawn може да направи штета, и без некое посебно дејство.
Експертските тестови покажуваат дека смартфоните со процесори Snapdragon 835 и Snapdragon 845 се ранливи, а во моментов има милиони активни смартфони со вакви чипови.