„Фолксваген“ оваа недела ќе го запре производството на последната верзија на „буба“ во својата фабрика во Пуебла, Мексико, ставајќи крај на еден од најпознатите автомобилски модели на сите времиња. Тоа е крај на патот за возилото кое симболизираше многу нешта откако се појави во 1938 година. Она што почна како нацистички проект за народен автомобил, подоцна стана симбол на поствоената економска ренесанса на Германија и на просперитетот на растечката средна класа. Нејзиниот дизајн беше препознатлив како шише од „кока кола“.
Официјално наречена „тајп 1“, „буба“ се произведуваше во централата во Волфзбург до 1978 година, кога приматот почнаа да го преземаат модели како „голф“. Но, тоа не беше крај за „бубата“. Таа продолжи да се произведува во Пуебла до 2003 година, а, во меѓувреме, во 1998, се појави „нова буба“, комплетно нова ретро верзија, изградена врз модифицирана платформа на „голф“. Во 2012 година, нејзиниот дизајн беше направен уште поелегантен.
Последниот, 5.961. примерок од верзијата „фајнл едишн“ ќе заврши во музеј по утрешните свечености во Пуебла, кога и официјално ќе биде означен крај на производството.