Според брзината на интернет државава е рангирана на 78. место во светот од страна на специјализираната британска страница за споредба на телекомуникациски услуги Cable.co.uk. Просечната брзина на интернет во државава изнесува 7,97 мегабити во секунда (Mbps), а за преземање 5 GB филм се потребни 1 час 25 минути и 38 секунди. Лани бевме на 68. позиција со просечна брзина на интернет од 8,82 мегабити во секунда.
Од државите во регионот Словенија е на 27. место, Србија е 44., Хрватска на 49., Бугарија на 50., Грција на 57., Косово на 60. позиција… Најбрз интернет во светот има во Тајван, па следуваат Сингапур, Шведска, Данска, Јапонија… На дното на листата, на 208. позиција, е Јемен.
Од топ-50 држави со најбрз интернет, 37 се во Европа.
Просечната глобална брзина на широкопојасен интернет, измерена во мај лани до мај годинава, изнесува 11,03 Mbps, што претставува раст за 20,65 проценти во однос на мерењата за претходната година. – Со просечната брзина преземање HD филм со големина од 5GB во Тајван би требало да трае осум минути и две секунди, а над 30 часа во Јемен, покажува истражувањето на Cable.co.uk.
Три четвртини од корисниците не ја знаат брзината на интернет
Според истражувањето на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), спроведено на крајот од мај годинава, три четвртини од корисниците на интернет во државава не ја знаат брзината што треба да ја добијат од операторот. Голем дел од корисниците на интернет, односно 66 проценти, не знаат и дека постои можност да се измери точната брзина што ја испорачува интернет-провајдерот. Повеќе од една третина (38 проценти) од испитаниците што се свесни за таа опција ја проверуваат брзината на нивната интернет-конекција. На само шест проценти од испитаниците операторот им понудил софтвер или страница за мерење на брзината на интернетот.
АЕК обезбедува две алатки со кои корисниците на услугите за интернет-пристап можат самостојно да ја измерат брзината на услугата. Добиените резултати се информативни. Но, доколку измерените вредности при повеќекратно мерење со постапка спроведена според упатствата значително отстапуваат од брзината што ја понудил операторот и за која е склучен договор, резултатите можат да бидат употребени и како дополнување на приговорот на корисникот кон операторот за неисполнување на договорните услови и необезбедување услуга со соодветен, очекуван квалитет.
Апликации за мерење на брзината на интернетот
Критериумите за квалитет се дефинирани во Правилникот за контрола и мерење параметри за квалитет на услуга за интернет-пристап преку јавни фиксни електронски комуникациски мрежи. За да биде услугата квалитетна, потребно е да бидат исполнети сите критериуми. Доколку корисникот смета дека услугата која ја добива не ги исполнува наведените критериуми, може да поднесе приговор до операторот и притоа да ги приложите резултатите кои ги добил од мерењата со алатките од АЕК. Тоа се две апликации, веб-сервис на адресата speedtest.aek.mk, за информативно мерење (Упатство) и самостојна десктоп-апликација, за попрецизно мерење (Упатство).
Анкетата на АЕК покажува дека годинава споредено со лани, за пет проценти е зголемен бројот на корисници на интернет преку мобилен телефон кои рекле дека се задоволни во однос на брзината на услугата. Одговор дека се многу задоволни дале 56.6 проценти од испитаниците, делумно се задоволни 35,2 проценти, делумно се незадоволни 5,9 проценти, воопшто не се задоволни 1,5 проценти.
Во државава 84,3 проценти од домаќинствата имаат интернет конекција, која преку Телеком ја обезбедуваат 39,8 проценти од корисниците, 30,5 проценти преку ВИП, по што следуваат Телекабел со девет проценти, Спајдер со 3,5 проценти и Кабел нет со 3,1 процент.
Поврзани артикли