Делфините формираат пријателства преку поради заеднички интереси, исто како и луѓето

Кога станува збор за пријателствата, се чини дека делфините се како луѓето и формираат блиски пријателства со други делфини со кои имаат заеднички интерес, пишува Science Daily. Овие наоди биле презентирани од страна на меѓународен тим на истражувачи од универзитетите во Бристол, Цирих и Западна Австралија, и обезбедуваат натамошен увид во социјалните навики на овие извонредни животни.

Заливот на ајкулите, област во Западна Австралија, е дом на популацијата на индо-пацифичките делфини со тесен нос, и единственото место каде што делфините се забележани како користат морски сунѓери како алатка при хранење.

Оваа научена техника, која се пренесува од генерација на генерација, им помага на одредени делфини, т.н. spongers, да најдат храна во подлабоките канали на водата. Додека техниката за користење алатки е добро проучена кај женските делфини, оваа студија ги испитувала навиките на машките делфини.

Користејќи бихејвиорални, генетски и фотографски податоци собрани од 124 машки делфини во текот на зимските месеци во Заливот на ајкулите, во текот на девет години (2007 до 2015), тимот анализирал подгрупа од 37 машки делфини, составена од 13 spongers и 24 non-spongers.

Мажите spongers поминуваат повеќе време дружејќи се со други машки spongers отколку што тоа го прават со non-spongers, а овие врски се базираат на сличните техники за исхрана и не зависат од други фактори.

Сајмон Ален, коавтор на студијата и научен соработник во Бристолската школа за биолошки науки, објаснува: “Хранењето со помош на сунѓер одзема време и во голема мера претставува осамена активност, па затоа долго време се сметаше дека е некомпатибилно машките делфини од Заливот на ајкулите да вложуваат време во формирање на пријателства со други машки. Оваа студија сугерира дека, како и женките делифините, и како луѓето, машките делфини формираат социјални врски врз основа на заеднички интереси“.