Океаните прекриваат две третини од планетата и се пресудни за животот на Земјата поради што се зголемува загриженоста кај научниците, кои предупредуваат дека до 2100 година нивото на морињата може да се зголеми и за два метри како последица на глобалното затоплување.
„Океаните се пресудни за животот на Земјата, но често се предмет на расправа за животната средина само кога станува збор за загадување со пластика или намалување на рибниот фонд“, пишува порталот Франс 24.
– Имаме можност во текот на следните 18 месеци да направиме нешто за океаните – изјави Ден Лафоли од Меѓународниот сојуз за зачувување на природата.
Меѓувладин панел за климатските промени при ОН, во годишниот извештај во октомври 2018 година предупреди на ефектот на глобалниот пораст на температурите, а во септември ќе ја објави проценката за состојбата на океаните.
Директорката на програмата за меѓународни океани во Советот за одбрана на природни ресурси Лиза Спир стравува дека извештајот нема да биде позитивен.
Со зголемувањето на количината на штетните гасови со ефект на стаклена градина, се зголемува и нивото на морињата. Океаните сега допираат до копното за околу 3,3 милиметри годишно, и тоа се забрзува.
Според последната проценка од 2014 година, нивото на морињата може да се зголеми за еден метар до крајот на векот. Но, нови студии, кои разгледуваа различни сценарија, истакнуваат дека сегашните трендови би можеле да го подигнат нивото на морињата и за два метри до 2100 година.
– Ние научниците сме затекнати од размерот, длабочината и брзината на промените – изјави Лафоли.