Во нов труд на Центарот за молекуларна биофизика ЦНРС во Франција, научниците тврдат дека откриле вонземска органска материја „заглавена” во вулканска карпа на планината Маконџва во Јужна Африка. Материјата е стара повеќе од три милијарди години.
– Ова е првпат да откриеме вистински докази за вонземски јаглерод во земска карпа, изјави Франсес Вестал, астробиолог од ЦНРС.
Од праисторијата Сончевиот Систем со метеорити и други вселенски тела ја „бомбардирал“ Земјата, а според некои теории, дел од тие надворешни вселенски материи го овозможиле настанокот на животот на нашата планета. Новите наоди можеби и го потврдуваат сè тоа.
– Имено, на некои карпи се пронајдени и наночестички од никел, хром и железо, коешто не е вообичаено кај обичните овоземски карпи. Ова посочува дека тој слој камења се појавил по судир со всесенско тело, објаснува Дидие Гурие, водечки автор на истражувањето од Истражувачкиот Универзитет ПСЛ.
Во заклучокот на научниот труд се вели дека, веројатно, вонземската органска материја паѓала на 3емјата со микрометеорити кои се измешале во атмосферата со вулкански пепел, а потоа биле втиснати во вулканските карпи на планината Маконџва.