Познатиот британски моден бренд Бурбери ќе ја затвори секоја десетта продавница во светот, додека една од најпопуларните хај-стрит компании Топшоп, објави дека планира да ги затвори сите свои продавници во САД.
Бурбери имаше голем број деловни неуспеси, како што е пад на приходите од продажба, но исто така и губење на кинескиот пазар, а сега го подига својот бизнис на ново ниво. Тој луксузен бренд, со ново раководство и дизајнери, ќе понуди супер луксузни производи и ќе се приближи до конкурентите како што се Гучи и Диор.
Покрај затворањето на продавниците, според Гардијан, некои од нив ќе бидат трансформирани во луксузни дестинации за најбогатите, а во нив треба да се најдат нови дизајнирани производи кои ќе чинат повеќе од 2.000 фунти.
Како дел од новата стратегија, оваа 100-годишна модна компанија досега ја затвори вратата за своите продавници во Бразил и Шпанија.
Сопственикот на групата Аркадија, во чија сопственост е Топшоп, рече дека затворањето на сите продавници во САД е „тешка, но неопходна одлука” и дека тие во моментов се борат со „менување на навиките на потрошувачите и силна конкуренција на онлајн продавници”.
Топшоп моментно е во долгови од 179 милиони долари, а неодамна поднесе барање за заштита во случај на стечај.
Освен во САД, 23 продавници на Топшоп ќе бидат затворени и во Велика Британија и Ирска, но нивната облека се уште ќе може да се купи онлајн.
Поврзани артикли