Француската автомобилска компанија „Рено“ поднесе официјална понуда за спојување со долгогодишниот партнер „Нисан Мотор“, објави јапонската телевизија ТБС повикувајќи се на неименувани извори.
Францускиот производител на автомобили предложил компаниите да се спојат по холдинг-систем, што ќе му овозможи на „Рено“ и „Нисан“ да имаат еднаква сопственост и застапеност во одборот, пренесе јапонската телевизија, без да посочи дополнителни детали за тоа кога е поднесен предлогот.
Претседателот на „Рено“, Жан-Доминик Сенар, кој на таа функција беше назначен во јануари по смената на главниот архитект на алијансата, Карлос Госн, го обнови предлогот за обединување на францускиот производител со „Нисан“, најавија минатиот месец извори запознаени со ситуацијата, а пренесува њујоршката агенција „Блумберг“.
Сепак, британскиот весник „Фајненшл тајмс“ објави дека и „Нисан“ и јапонската влада ги отфрлиле напорите на „Рено“ да се приклучат во преговорите за спојување.