Сенатот на Аризона неделава одобри резолуција во која се повикува на системски одговор во спречување на изложување на порнографија, која сè повеќе им е достапна на децата преку интернет.
Повеќе сојузни држави во САД покренаа постапка за прогласување на порнографијата опасна по јавното здравје, што предизвика загриженост меѓу некои експерти кои сметаат дека со тоа се оди предалеку и дека таквата одлука носи ризици. Најмалку едно од законодавните тела усвои слична резолуција во други американски сојузни држави.
„Тоа е епидемија во нашето општество и од тоа произлегува ставот дека станува збор за проблем“, вели сенаторката на Аризона, Силвија Ален. Според неа, порнографијата придонесува за насилство над жените, сексуална активност меѓу тинејџерите и непланирана бременост.
Слични декларации се донесени во држави во кои Републиканците имаат мнозинство, од Тенеси до Монтана. Многу од овие резолуции се основаат на модел направен од Националниот центар за сексуално искористување, антипорнографска невладина организација која порнографијата ја поврзува со низа проблеми.
Но, според други експерти, означувањето на порнографијата како јавна опасност е погрешен пристап.
„Истражувањето постави прашања за ефектот на експлицитниот материјал на мали деца, но врските на порнографијата со други, често цитирани прашања, како што е трговијата со луѓе, се многу послаби“, вели Емили Ротман, професорка на катедрата за јавно здравје на Универзитетот во Бостон.
Извор: B92.net