ЗДРАВО СКОПЈЕ е првиот интерактивен водич за нашиот град, посветен на едно незаборавно Скопје – од минатиот век до денес, со сите негови препознатливи локации, култни места и урбани легенди вредни за раскажување. Наменет и за млади и за стари, за носталгичари, туристи и истражувачи кои сакаат да го запознаат вистинскиот дух на Скопје.
Книгата е дело на авторското дуо Кокидо, зад кое се потпишуваат Александра Шаровиќ-Атанасовска, автор на наградуваниот концепт ПланУМ, и Ружица Мандичевска-Руки, една од најзначајните македонски илустраторки. Авторките моментно живеат и работат во Белград и Лондон.
Овие стотина возбудливи страници се мала временска машина која ќе ве однесе на емотивно патување низ градот и минатото на скопјани.
ЗДРАВО СКОПЈЕ е исполнет со многу активности кој ќе ја разбудат вашата имагинација и креативност, а интерактивната мапа ќе ве одведе до сите најзначајни градски локации. Интересен дел од книгата се и рубриките кои ги претставуваат духот и обичаите на градот. Преку семејните традиции за заеднички ручек, начин на комуникација, игра, рекреација, говор, стил на облекување и живеење, се доловува позитивна атмосфера на заедништво и соживот кои Водичот особено ги истакнува и вреднува.
Главната идеја за овој проект произлегува од отсуството на пишан материјал за богатата историја на градот, особено за деца. Преку ЗДРАВО СКОПЈЕ младите генерации, на забавен и креативен начин, ќе го запознаат Скопје и ќе научат зошто е град што се сака.
Се гледаме во недела (21.04.2019) во градски парк кај мечето од 12 часот.
Поврзани артикли