Осмоодделенците од училиштето „Блаже Конески“ од Прилеп, Петар Апостолоски, Антонио Барлески и Михаела Наумоска, со нивниот систем за спречување и намалување на последиците од сообраќајни несреќи, го освоија второто место на Регионалниот натпревар за кодирање.
Овој натпревар се одржа во Белград во рамките на Дигиталниот самит за Западен Балкан, во организација на Британскиот совет.
Учесниците на Регионалниот натпревар во кодирање имаа задача да направат проект со кој ќе решат некој реален проблем со помош на микробит, џебен компјутер со големина колку дланката.
Вкупно 13 училишта од шест земји од Западен Балкан учествуваа во натпреварувањето, кое е дел од проектот „Училишта на 21 век“ што го спроведува Британскиот совет. Од Македонија на регионалниот натпревар учествуваа седум ученици од тимови од две основни училишта, „Блаже Конески“ од Прилеп и „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Проектот на тројцата основци од Прилеп е насловен „Транспортен информационен систем со употреба на микробит“.
„Системот е составен од хардвер и софтвер кој овозможува подобро надгледување и контрола на сообраќај и оптимизација на сообраќајниот тек. Во него се вклучени камион и станица за прием на сигналите од камионот, при што на камионот се поставени 3 микробит уреди. Едниот ја мери надворешната температура и го предупредува возачот за ниската температура со звучен сигнал и палење на светло. Вториот, при удар испушта звучен сигнал и пали две лед диоди, додека третиот микробит уред при голем потрес или удар испраќа сигнал за помош. Со помош на микробит уредите, кои се потпираат на сензори, овој информационен систем му помага на возилото во несоодветни услови, предупредува на опасност од удари и обезбедува контрола над возилото и возачот во случај на опасност“, велат од тимот на прилепското училиште, објаснувајќи го нивниот проект.
Првото место на регионалниот натпревар го освои тим од Босна и Херцеговина, чии членови го претставија проектот за паметна куќа управувана од сензори и поврзана со мобилна апликација. Македонските основци го поделија второто место со тим од Косово, додека третото место му припадна на тим од Црна Гора.
Програмата „Училишта на 21 век“ ги поврзува сите ученици од земјите од Западен Балкан на заедничка платформа со 10 водечки светски земји во областа на математиката и науката.