Дигитална трансформација, унапредување на регионалната соработка, употреба на електронски услуги од доверба, како и утврдување на условите за дигитално поврзување на економиите од Западен Балкан се неопходни за забрзан развој на регионот. Ова беше истакнато на вториот по ред Дигитален самит за земјите од Западен Балкан што се одржа од 4 до 5 април во Белград.
Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Никола Љушев кој учествуваше на панел дискусијата на тема „Мрежи и поврзување“, истакна дека потребата од сигурна мрежа со брз интернет мора да биде комплементарна со потребите на граѓаните во новото дигитално време.
„Ова не е одговорност само на операторите туку потребено е и вклучување на сите засегнати страни во еко–системот. Најголем бенефит од потенцијалот на мрежата може да се добие доколку таа се искористи за поврзување на граѓаните со содржини кои ќе го унапредат и поедностават секојдневието, како: дигитална администрација, дигитално образование, дигитално здравство итн“.
За да се постигнат амбициозните дигитални агенди за економиите на земјите од Западен Балкан, фокусот на операторите е кон интегриран и технолошки неутрален пристап. Движејќи се напред, мораме суштински да го смениме нашиот продукциски модел со прифаќање на фундаментално поефикасни технолошки архитектури и решенија: 5G, Software Defined Networks (SDNs), Network Function Virtualization (NFV) итн.
На инвеститорите треба да им се обезбедат стабилни и фер услови за инвестиции во предвидлива рамка, пропишани од регулаторот. Единствено така се можни сериозни инвестициите во инфраструктурата. Оттука, владите и регулаторите треба да промовираат модели на соработка и заедничко користење на инфраструктурата меѓу провајдерите врз основа на комерцијални договори. Неприфатливо е некој што ризикувал и сериозно инвестирал во мрежите од следната генерација, за брзо време да се соочи со нова регулатива која драматично ја менува конкурентската околина. Таквите случувања имаат негативно влијание врз развојот на мрежната инфраструктура од нова генерација и унапредување на дигиталното општество.
„Македонски Телеком, дел од Дојче Телеком Групацијата како технолошки лидер во регионот постојано инвестира во инфраструктурата со цел да ги овозможи неопходните услови за дигитализација. Минатата година успешно го реализиравме првото 5G демо, постигнувајќи брзини од преку 3Gbps во лабораториски услови. Оваа година, нашата цел е да изведеме пилот на 5G Fixed Wireless Access во рурална средина. Целиот наш напор како технолошки лидер е да го овозможиме процесот на дигитализација и трансформација на општеството. За да ја реализираме нашата визија, мора посветено да инвестираме во инфраструкурата на мрежите од следната генерација, да го поедноставиме моделот на испорачување на услугите, синергетски да се унапредат продукциските можности и организациски да се трансформираме. На крајот, технологијата и иновациите, мора да се стават во функција и за доброто на граѓаните и како поддршка на економијата“, потенцираше на панел дискусијата, Никола Љушев.
Дводневниот дигитален самит во Белград на едно место собра повеќе од 3.000 учесници: високите владини претставници од Западен Балкан, меѓународните институции, бизнис секторот, академиците, како и поединците имаа отворени и корисни дискусии за дигиталните вештини, мрежите и поврзувањето, за довербата, безбедноста, дигиталната економија и општеството.