Вооружени само со ракавици и големи кеси, ренџерите се борат со еден куп пластика што ги преплавува идиличните острови Галапагос и неговата единствена фауна.
Тони пластика се депонираат на бреговите на Галапагос, каде што микрочестичките завршуваат во стомаците на животинските видови кои живеат само на тој архипелаг во Тихиот Океан, кој се наоѓа на околу 1.000 километри западно од Еквадор.
Овие микрочестички, честопати отпад кој потекнува од големите градови и други континенти, може да бидат најголема закана за игуаните, желките, птиците и рибите од Галапагос.
Во отпадот пронајден на островите што ги користат животинските видови имаше и чевли, запалки, пенкала, конзерви.
Околу 25.000 луѓе живеат на островот, а последниве години се заострени правилата за употреба на пластика на архипелагот што УНЕСКО го заштити како светско наследство.
Од 1996 година, локалните рибари ги чистат и најоддалечените острови, а во изминатите три години се води регистар на отпад кој го покажува потеклото на ѓубрето кое завршува на ненаселените брегови. Најголемиот број на брендови се со перуанско и кинеско потекло.
Раководството на островот се надева дека водењето на овој регистар ќе овозможи да се поднесат барања за отштета против оние кои најмногу ѝ штетат на животната средина на островите.
Ренџерите на Националниот парк, исто така, водат свој регистар, но тоа се однесува на животни погодени од тој отпад. Така, тие забележале дека кормораните градат гнезда од користени пелени или пластични кеси, а желките ги гризат кесите мислејќи дека се медузи со кои обично се хранат.
Поврзани артикли