Московскиот Институт за физика и технологија, во соработка со научници од САД и Швајцарија, објави научен труд што ги доведува во прашање основните закони на физиката, во однос на патувањето низ времето.
Како што објави „Индепендент“, научниците тврдат дека со помош на квантен компјутер и квантна механика, успеале да вратат молекули во првобитната состојба во која биле неколку секунди пред намерно предизвиканата „неповратна промена“.
– Вештачки создадовме движење во насока спротивна од онаа на термодинамичката стрелка на времето, изјави одговорниот за истражувањето, д-р Горди Лесовик за научното списание „Сајентифик рипортс“.
Во експериментот, на квантниот компјутер е искористена „еволутивна програма“ оспособена за сложено варирање на т.н. кубити.
Кубит е единица мерка за квантна информација, што се состои од единици и нули.
Во процесот, шемата намерно била нарушена на начин на кој билјардските топчиња се распрснуваат на зелената маса.
Во наредната фаза е користена друга програма која имала за цел тој хаос да го врати во редот од претходно, во шемата.
Со ваквата постапка кубитите се вратени во својата првобитна состојба.
Научниците тоа го споредуваат со премотување видеоснимка наназад, но пресликано во законите на квантната физика. Повеќето закони на физиката важат за двете насоки и за иднина и за минатото.
Работејќи со само два кубита, „враќањето на времето” е постигнато со успех од 85 отсто. Кога пак, биле употребени три кубити, се случиле повеќе грешки, па тука успешноста била само 50 проценти.
Стручните лица сметаат дека експериментот може да има практична примена во развојот на квантната физика.
– Нашиот алгоритам може да се ажурира и да се користи за тестирање програми за квантни компјутери и да се отстранат грешките и изненадувањата, нагласи Лесовик.
Поврзани артикли