По трагичната несреќа на летот ЕТ302 на компанијата „Етиопијан ерлајнс“, кога авион од типот „боинг 737 макс 8“ се урна при што загинаа сите патници и членови на екипажот, Европската агенција за безбедност во воздухопловството (ЕАСА) вечерва одлучи да ги суспендира сите летови на овој модел на авиони.
Како мерка на претпазливост, ЕАСА објави директива со која се откажуваат сите летачки операции на моделите „боинг 737-8 макс“ и „737-9 макс“ во Европа.
Велика Британија, Германија, Франција и Ирска беа последни во серијата држави кои попладнево објавија дека ќе го затворат својот воздушен простор за ваквов тип авиони по фаталната несреќа која во неделата се случи на лет од Адис Абеба за Кенија.