Британската компанија The Post Office секоја година прави листа од најевтините градови во Европа, а оваа година на прво место се најде Вилнус, Литванија. Овој град е прогласен за наевтин европски град, врз основа на споредбата на цените за туристичките атракции, градскиот превоз, храната, пијалаците и две ноќевања во двокреветна соба во хотел со три ѕвездички.

Според овие податоци, се испоставило дека Вилнус е најевтина опција, оти таму тоа чини 170 евра по лице. Во цената не е вклучен превозот до и од Вилнус. Во извештајот се додава дека цените во литванската престолнина се 11% пониски од лани.

На второ место се најде Белград и покрај тоа што, според извештајот, цените пораснале за 1,9% во однос на минатата година. Сите споменати трошоци кои се земаат како критериум за листата, во Белград изнесуваат 174 евра по лице. На трето место е Варшава каде трошоците се околу 185 евра, а следуваат Истабул (192 евра), Букурешт (193,5 евра), Порто (199 евра), Рига (206 евра), Братислава (209 евра), Москва со (215,5 евра) и Прага со (219 евра).