Веќе за неколку месеци ќе биде достапен овој интересен уред, кој може да се користи и како телефон и потоа да се свитка екранот и да се носи околу раката.
На мобилниот пазар изминатата една недела ја обележаа смартфоните со екрани на превиткување – иако за поголем број од луѓето прескапи, Samsung и Huawei со моделите Fold и Mate X ни покажаа во кој правец се движи пазарот и дека флексбилните дисплеи повеќе не се само концепт, туку уреди кои наскоро ќе можеме да ги купиме и да ги користиме. Двете компании не се одлучија за ист пристап кога е во прашање дизајнот, но во двата случаја се работи за паметни телефони, чии екрани можат да се рашират и да се користат како таблети уреди.
Наместо хибрид помеѓу телефон и таблет, кинеската компанија Nubia се одлучи за развој на интересен уред кој примарно е голем паметен часовник, иако благодарение на свитливиот екран, може да се исправи и да се користи како паметен телефон, но со оглед на тоа какви му се димензиите и односот на страниците, тешко е да се замисли дека моделот Alpha некој навистина ќе ги користи како мобилен телефон. Во пресрет на MWC во Барселона, на интернет кружеа фотографии од сличен концепт на TCL, односно хибрид помеѓу часовник и телефон, но Nubia својот уред вчера го претстави официјално и наскоро ќе биде достапен на пазарот.
Nubia Alpha доаѓа со екран со дијагонала од 4 инчи и однос на страници 36:9 (резолуцијата изнесува 960 х 192 пиксели) и јасно е дека со вакви димензии Alpha тешко може да се користи како класичен смартфон, бидејќи екранот е претесен. Како паметен часовник прилично е интересен, но во однос на конкуренцијата, дисплејот е преголем и е прилично тежок на рака – добра работа која го олеснува неговото користење е управувањето со некои опции за движења на рацете над екранот. Има и 5 MP камера за фотографирање и снимање видеа, односно за видео повици и со сите класични опции за следење на активностите, како и на другите паметни часовници и нараквици за фитнес.