Шефот на Daimler, Дитер Цече, им потврди на новинарите дека во тек се преговори со Tesla за можно партнерство. Цече истакнува дека разговорите се во напредна фаза, но тој не сака да го предвиди конечниот исход и можноста за соработка.
Ако се согласат лидерите на двете компании, соработката ќе се одвива во областа на електрични комерцијални возила. Во ноември минатата година, Елон Маск на прашање на еден од неговите Twitter следбеници одговори дека сè уште немаат во план лесно комерцијално возило. Маск потоа додаде дека Mercedes Sprinter е одличен во својата работа и дека со задоволство ќе разговара со германскиот бренд за можност за соработка.
Визијата на Маск беше да работи со Mercedes на електрична варијанта на Sprinter. Таквата верзија веќе е закажана за премиера, но Mercedes ја разви независно. Електричниот Sprinter доаѓа до крајот на тековната година со ветената автономија од околу 100 километри.
Сепак, простор за соработка има. Mercedes објави дека на саемот во Женева ќе го претстави моделот EQV или електрична варијанта на V класата. Се верува дека потенцијалната соработка со Tesla ќе ги вклучи и EQV моделот и електричната варијанта на Sprinter. Со оглед дека наследникот на Цече, Ола Келениус, веќе објави дека е подготвен да ги сослуша сите можни партнери, се чини дека сојузот помеѓу Tesla и Mercedes е се поизвесен.
Потсетување дека Daimler поседуваше акции во Tesla, но во 2014 година тие го продадоа својот удел.
Извор: Додај Гас