Facebook ги вработи своите критичари, активисти за заштита на приватноста на корисниците. Се работи за експерти кои беа меѓу најгласните критичари на Mark Zuckerber. Дали Facebook сака да го унапреди својот однос кон корисниците или прбува да ги замолкне критичарите?
Со години критичарите ги напаѓаа погрешните чекори на Facebook во однос на приватноста – од скандалот со „Кембриџ аналитика“, па до неодамнешната вест дека Facebook им плаќал на луѓе, вклучително и на малолетници, да му дозволат да ги шпионира нивните онлајн-активности, потенцијално вклучувајќи ги и шифрираните приватни пораки.
Сето ова ја прави многу важна и веста дека во последните неколку недели компанијата тивко најмила тројца истакнати бранители на приватноста, сите видни критичари. Наводно тие биле најмени да помогнат компанијата да се врати на прав пат.
Во декември од Facebook го најмиле Натан Вајт, кој претходно работел за групата за дигитални права „Аксес Нау“. Вајт бил ставен на позиција менаџер на политика за приватност. Оваа недела правниците Нејт Кардозо од фондацијата за дигитални права „Електроник Фронтиер фаундејшн“ и Робин Грин од „Опен технолоџи институт“ објавија дека и тие се префрлаат во Facebook. Кардозо ќе биде менаџер на политиките за приватност на WhatsApp, додека Грин ќе биде новиот менаџер на политика за приватност за спроведување на законот и заштита на податоците на Facebook.
Овие три лица се оценети како отмени луѓе во светот на приватноста на податоците и тие беа многу гласни критичари на Facebook. Со тоа што ги вработува, компанијата испраќа порака дека ќе им даде моќ за носење одлуки на луѓе што ги разбираат начините на кои социјалната мрежа и нејзината фамилија од апликации ја потценуваат приватноста на корисниците. Сепак, прашање е дали од Facebook ќе ги слушаат.
Скептичен став би бил дека Facebook ги вработил овие тројца критичари за да ги замолчи, но оние што ги знаат сите тројца велат дека тие отишле во компанијата со добра намера и дека би си заминале ако видат дека не се способни да направат позитивна промена однатре.