Руската стартап компанија StartRocket претстави идеја за маркетинг-кампањи во чии рамки рекламите би се прикажувале на „билборди“ на небото.
Компанијата планира во орбитата на Земјата да лансира стотици мали CubeSat сателити, со големина од 10x10x10 сантиметри, кои ќе можат да се вклопат во одредена формација на височина од околу 450 километри (нешто повеќе од висината на која се наоѓа Меѓународната вселенска станица).
Таму, групата сателити би формирала екран наречен Orbital Display, во кој секој сателит би претставувал по еден пиксел што може да биде индивидуално контролиран. За да се создаде слика, сателитите ќе имаат свое засебно огледало кое ја рефлектира сончевата светлина кон Земјата.
Првите небесни огласи се очекуваат во 2021 година, а претходно е потребно да се обезбедат сите дозволи за лансирање сателити, што и покрај собраните финансиски средства претставува голем предизвик.