Поминаа само две недели од 2019 година, а веќе имаме едно од најголемите протекувања на податоци во последните години. Според експертот за интернет-безбедност Трој Хант, протечени се неверојатни 773 милиони адреси на електронска пошта и 21 милион лозинки.

Хант истакна дека многу луѓе го контактирале минатата недела и посочиле дека има група од 12.000 фајлови со вкупна големина од 87 гигабајти и речиси 2,7 милијарди снимки поставени на MEGA. Тој додава дека фајловите биле отстранети од платформата, но дека останале на популарен хакерски форум, кој тој не го именува. Според Хант, во постот на форумот изворот на податоците бил опишан како колекција од повеќе од две илјади бази на податоци и комбинации од електронски адреси и лозинки подредени тематски.

Според неговите информации, оваа колекција на компромитирани сметки е позната како „Collection No.1“ и се шири на популарните хакерски форуми. Името е веројатно индикација дека нови бази на податоци со доверливи информации ќе бидат објавени и во иднина. Трој Хант внимателно ги анализирал достапните податоци и тврди дека над 23 милиони уникатни лозинки се погодени, пренесе „DigitalTrends“. Колекцијата била собирана помеѓу 2008 година и 2015 година, а големината надминува 87GB.

За да проверите дали вашата мејл адреса е во базата на податоци, морате да ја посетите страницата „Have I Been Pwned“. Независко од тоа, може да биде добра опција да почнете со користење на менаџер за лозинки. Овој тип на програма е доста популарен и нуди дополнително ниво на заштита за вашите сметки. Во исто време, менаџерите со лозинка се поддржани од водечки оперативни системи, што ќе го олесни синхронизирањето помеѓу сите ваши уреди.

Но, доколку и вие сте биле мета на нападот, се советува да ја промените лозинката. Страницата нуди и пребарување на лозинки за да видите дали има некоја од лозинките што сте ги користеле.