Откако во 2017 година во силна бура беше уништена популарна атракција на Малта, позната како Азурен прозорец, ова место набрзо стана рај за нуркачите.
„Големите бели карпи ишарани со пукнатини и нивната кревка структура изгледаат повеќе од импресивно. Местото може да се истражува, бидејќи карпите се паднати на длабочина од 5 до 50 метри“, вели еден од нуркачите кои имал можност да ги види урнатите карпи во нивното ново опкружување.
Тие некогаш се издигаа на 50 метри над површината на морето и формираа своевиден прозорец. Падот на Азурниот прозорец предизвика тага кај локалното население, но и кај туристите.
Најголемата грижа беше во врска со очигледниот пад на бројот на туристи, што е и логично, бидејќи Азурниот прозорец беше една од најголемите атракции во Малта и на некој начин нејзин заштитен знак.
Сепак, познатиот прозорец кон морето наскоро би можел повторно да се издигне на истото место. Рускиот архитект Светозар Андреев дизајнира вештачка карпа во оригинална форма со конструкција од челик во којa ќе се огледува околната природа. Во план е и изложбен простор од 5.000 квадратни метри кој ќе биде посветен на минатото на островот, а проектот симболично се нарекува „Срцето на Малта“.