Основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, на почетокот на 2018 година вети дека ќе ги исправи сите неправилности што биле откриени во оваа најпозната социјална мрежа.
Извршниот директор на Фејсбук на почетокот на јануари годинава изјави дека компанијата има доста работа, вклучувајќи тука и “заштита на Фејсбук заедницата од злоупотреба и омраза, одбрана против мешањето на други држави и да обезбеди дека времето поминато на Фејсбук е добро искористено“. Но, низ текот на годинава се покажа дека полесно е ова да се каже, отколку да се направи.
Кон средината на јануари Фејсбук најави дека ќе го промени начинот на кој го организира News Feed-от и дека приоритет ќе имаат мислења од пријателите и семејствата, пред постовите од страна на издавачите и брендовите, дури и доколку тоа значи дека времето што луѓето го поминуваат на Фејсбук ќе бидат намалено.
На последниот ден од јануари, акциите на Фејсбук претрпеа удар поради фактот дека луѓето трошат помалку време на социјалната мрежа.
Ова беше само почеток на бурата што и се случи на компанијата. “Њујорк тајмс“ и “Гардијан“ во март објавија дека претходно анонимната компанија “Кембриџ Аналитика“, се обидела да влијае на начинот на кој Американците гласаат, преку користење на информации собрани од милиони профили на Фејсбук.
Овој и уште неколку скандали кои беа поврзани со заштитата на приватноста се одразија и врз акциите на Фејсбук, а 26 јули беше обележан како најлошиот ден во историјата на компанијата – тие беа намалени за 19 отсто откако компанијата објави дека растот на приходите ќе забави, бидејќи “приватноста е на прво место“ и дека ќе ги преиспита на нивните искуства со рекламирањето на производи. Овој скандал доведе до загуба на пазарната вредност на Фејсбук за околу 119 милијарди долари.