Акциите на Facebook драстично паднаа откако „Њујорк тајмс“ објави дека компанијата давала податоци на корисниците на други компании.
Откако новинарите на „Њујорк тајмс“ ги прегледале интерните документи на компанијата, дознале дека Facebook давал многу повеќе податоци отколку што се сметаше. Податоците им се нуделе на компании кои Facebook ги сметал за деловни партнери.
Ова, исто така, вклучувало и пристап до личните пораки на корисниците.
Набргу по објавувањето на ваквата вест, акциите на Facebook паднале за 7,3 проценти. Освен текстот во „Њујорк тајмс“, за пад на акциите влијаела и тужбата против компанијата од страна на државниот обвинител на Вашингтон поради пропусти во заштитата на корисничките податоци поврзана со скандалот со „Кембриџ аналитика“.
„Њујорк тајмс“ вчера ја објави сторијата за споделување на невидени количини на податоци со партнерите на Facebook. Новинарите за потребите на сторијата разговарале со повеќе од 50 поранешни вработени во компанијата.
Тие откриле дека Facebook им дозволил на некои компании, меѓу кои се Spotify, Bing и Royal Bank of Canada, пристап до личните пораки на корисниците и нивните пријатели на Facebook без претходна согласност.